Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, денес во Мостар учествуваше на Втората меѓународна конференција Мостар 2025: "Дијалог за иднината" - Заедничкото наследство како алатка за дипломатија.
Во рамките на дипломатскиот панел учествуваа министри, заменици министри, државни секретари од Босна и Херцеговина, Хрватска, Турција, Северна Македонија и Црна Гора, како и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа.
Во своето обраќање заменик министерот истакна дека земјите од регионот го споделуваат културното наследство од антиката, преку римскиот период, средновековието, отоманската империја, па се до денешен ден. Сите симболи на тоа културно наследство, како Стариот мост во Мостар, Охрид и книжевната школа на Климент и Наум, делото на Светата Мајка Тереза итн. се мостови на обединување на културите и традициите на овие простори кои се фундамент за зближување на народите.
Дипломатијата мора да ги користи овие алатки за презентација и промоција на различноста, но и јакнење на мирот и соработката во регионот.
На конференцијата учесниците потпишаа заедничка изјава во која меѓу другото се потврдува дека културното наследство го одразува заедничкото богатство на креативната различност на човештвото на глобално, регионално и национално ниво, воедно, препознавајќи ја и виталната улога на младите во заштитата на наследството, како чувари на иднината во неговата заштита и промоција.
На маргините на конференцијата заменик министерот Димитровски оствари и средба со МНР на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ.