Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари одвоени средби со амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Михалис Рокас, амбасадорот на Унгарија, Андраш Клеин, и со вршителот на должност во Амбасадата на Државата Катар, Рашид Саед Ал-Кајареен.
На средбата со амбасадорот на ЕУ, министерот Муцунски изрази задоволство од континуираната поддршка на Европската Унија за реформските процеси и стабилноста на државата. Беше нагласена подготвеноста за натамошно зајакнување на партнерството со Унијата, засновано на заеднички вредности и интереси. Во тој контекст, се разговараше и за престојната посета на високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, на Република Северна Македонија.
Средбата со амбасадорот на Унгарија беше дел од редовната и активна комуникација со Амбасадата на оваа пријателска земја. Соговорниците се осврнаа на одличните билатерални односи, интензивниот политички дијалог и развиената секторска соработка. Министерот Муцунски нагласи дека македонско-унгарското партнерство е засновано на силни политички врски и развиена економска соработка, кои во претстојниот период ќе добијат уште поголема динамика. Дополнително, беше разговарано и за европската интеграција на државата и недвосмислената поддршка од Унгарија на тој пат.
На средбата со вршителот на должност во Амбасадата на Катар, министерот Муцунски ја потврди заемната заложба за унапредување на пријателските и конструктивни односи меѓу двете земји. Беше нагласена потребата за интензивирање на политичкиот дијалог и размена на посети на високо ниво. Во фокусот на разговорите беше и динамизирањето на економско-трговската соработка, вклучително и зголемување на трговската размена и катарските инвестиции на македонскиот пазар.