Државната секретарка во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Елена Кузмановска, учествуваше на 11. состанок ЕУ – Западен Балкан 6 на ниво на политички директори, посветен на соработката во сферата на Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП).
Состанокот од страна на Европската унија го водеше амбасадорот Бјорн Олоф Ског, во својство на заменик генерален секретар за политички прашања во Европската служба за надворешна акција.
На агендата беа прашања поврзани со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ во новиот геополитички контекст, со посебен фокус на руската агресија врз Украина и нејзините глобални импликации, состојбите на Блискиот Исток и регионот на Заливот, како и актуелните случувања во Западен Балкан.
Државната секретарка Кузмановска ја истакна посветеноста на земјата на целосната усогласеност со ЗНБП на ЕУ, вклучително и преку спроведувањето на рестриктивните мерки во одговор на руската агресија. Во своето излагање, се осврна и на статусот на ЕУ-досието на земјата, нагласувајќи ја подготвеноста на Владата за натамошно забрзување на евроинтегративниот процес.
Таа посочи дека земјата ќе продолжи да има конструктивна и проактивна улога во унапредување на регионалната стабилност, интеграција и соработка, при што ја потенцираше важноста на заеднички пристап и единство при справување со актуелните безбедносни и политички предизвици.