Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски во рамки на посетата на Канада оствари бројни средби со македонската дијаспора во Маркам, Торонто и Мисисага.
Во обраќањето пред присутните во црковната општина Св. Димитрија во Маркам беше истакнато значењето на македонската дијаспора како важен мост меѓу татковината и Канада. Д-р Палашевски ја искористи можноста да упати благодарност до македонската заедница за грижата и посветеноста кон зачувување на македонскиот јазик, култура и традиција, како и за нејзиниот значаен придонес кон канадското општество. Присутните имаа можност да проследат и пригодна фолклорна програма во изведба на КУД Гоце Маркоски од Скопје.
Црковната општина Св. Климент Охридски во Торонто беше домаќин на Државниот секретар, д-р Јовица Палашевски, кој при работната посета оствари средба со управата на црковната општина и женската секција при црковната општина.
Се разговараше за начинот и достапноста на конзуларните услуги, како и за претстојната конференција за дијаспора која треба да се одржи во Скопје. Заеднички се потенцираше важната улога на МПЦ - ОА како духовен столб околу кој се собира и организира македонската дијаспора во Канада.
Заедно со македонската заедница во црковната општина Св. Илија во Мисисага беше прославен големиот верски празник Крстовден. На пријатната празнична средба со нашите иселеници д-р Палашевски ја потврди заложбата на Владата дека врвен приоритет е соработката со дијаспората која претставува нераскинлив дел од татковината.
Државниот секретар, д-р Јовица Палашевски истакна дека државата продолжува и понатаму посветено да работи за македонската дијаспора и да ги штити националните интереси.