Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, денеска оствари работна средба со г-дин Владимир Атељевиќ, експерт за Заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија, во рамки на проектот „Support to European Integration of North Macedonia“. На средбата присуствуваа и претставници на Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (UNOPS).
Проектот „Support to European Integration of North Macedonia“ има за цел да ги зајакне институционалните капацитети на Република Северна Македонија за поефикасно управување и координација на процесот на пристапување во Европската Унија. Проектот е финансиран од Владата на Шведска преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), Владата на Швајцарија преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), како и со национална контрибуција од Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за европски прашања, а го имплементира Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (UNOPS).
Во фокусот на разговорите беа можностите за понатамошно унапредување на соработката, со посебен акцент на областа на надворешната трговија како значаен сегмент од процесот на европската интеграција. Притоа беше разговарано и за подготовката на новата регулаторна рамка што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ја изготви во претстојниот период, во насока на усогласување со европското законодавство и добрите практики на Европската Унија.
Државниот секретар Палашевски истакна дека процесот на европска интеграција претставува стратешки приоритет на Владата на Република Северна Македонија и нагласи дека Министерството останува целосно посветено на продлабочување на соработката со меѓународните партнери и користење на сите расположливи механизми за унапредување на реформските процеси и усогласување со европските стандарди.