Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, потпишаа нов Протокол за правила за потекло на производи, кој претставува составен дел од Договорот за слободна трговија меѓу двете земји.
Правилата за потекло утврдени со Протоколот се усогласени со одредбите на Регионалната конвенција за паневромедитерански преференцијални правила за потекло, со цел подобро да одговорат на економската реалност и потребите на билатералната трговска соработка.
Република Северна Македонија и Република Турција се потписнички на Регионалната конвенција за паневромедитерански преференцијални правила за потекло, при што примената на овие правила во трговијата е во согласност со член XXIV од Општиот договор за царини и трговија од 1994 година (ГАТТ).
Со потпишувањето на новиот Протокол, досегашните правила за потекло се заменуваат со нови, при што се воспоставува динамична поврзаност со правилата од Регионалната конвенција. Ова ќе овозможи примена на идентични правила за потекло со сите земји со кои двете држави имаат склучено договори за слободна трговија.
Новите правила ќе овозможат дијагонална кумулација на потеклото на компонентите, суровините и репроматеријалите што компаниите ги користат во производството на готови производи наменети за извоз на пазарите на двете земји.
Примената на Протоколот ќе започне на 1 јануари 2026 година.