Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера попладне се обрати на свечен настан во Амбасадата на Република Северна Македонија во САД, организиран по повод 34 години од независноста на државата и 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека бројната македонска заедница во САД претставува вистински столб на пријателството меѓу двете земји, нагласувајќи дека таа е чувар на идентитетот и традицијата и важна врска што ја поврзува државата со светот.
Тој ја нагласи и силната заложба на Владата за зајакнување на врските со Македонците ширум светот – пред сè преку новата Национална стратегија за соработка со дијаспората за периодот 2025–2030 година, како и преку нивната поголема вклученост во процесите на локално ниво.
Муцунски се осврна и на силното македонско-американско пријателство кое, како што посочи, во изминатата година добива нова динамика, отворајќи нови можности за негово продлабочување во повеќе области и во интерес на граѓаните на двете држави.