Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Муцунски: Европскиот пат мора да биде предвидлив, достоинствен и заснован на европски критериуми

Муцунски: Европскиот пат мора да биде предвидлив, достоинствен и заснован на европски критериуми

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител ТВ истакна дека во евроинтегративниот процес е неопходно јасно разграничување меѓу суштинските европски реформи и билатералните прашања.

„Тоа што го бараме е јасно разграничување меѓу суштинските реформи и билатералните прашања. Јасно им укажуваме на сите земји членки дека треба да се стави крај на барањата што се однесуваат на нашиот јазик, идентитет и историја“, нагласи Муцунски.

Тој посочи дека за државата се суштински значајни две прашања. Првото е обезбедување јасни гаранции за предвидливоста на процесот, кои би биле преточени во домашниот правен систем или би произлегле од европските институции.

„Уставни измени со одложена примена се еден таков модел или, пак, треба да постојат јасни гаранции од европските институции“, рече Муцунски.

Како второ клучно прашање, тој го посочи принципот на меѓународен реципроцитет во областа на човековите права.

„Кога Бугарија очекува од нас да го внесеме бугарското малцинство во Уставот, најмалку што може да направи е да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во делот на правата на Македонците кои живеат во Бугарија“, истакна Муцунски.

Според него, во рамките на овие позиции може да се дојде до рационално и одржливо решение што нема повторно, по неколку денови, недели или месеци, да ја доведе државата во истата ситуација.

„Решението што го прифати претходната Влада е неприфатливо и може да создаде дополнителна криза во процесот на европска интеграција“, оцени Муцунски.

Тој потсети дека државата веќе направила крупни отстапки на својот европски пат, вклучително и промена на името, нагласувајќи дека најмалку што заслужува е да биде оценувана и вреднувана врз основа на европските вредности и критериуми.

„Не смееме да дозволиме патот кон Европската Унија да нè обезличи како држава и како народ. На нас е да бараме решение – решение што ќе биде достоинствено и одржливо“, порача Муцунски.

Мени за пристапност