Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Муцунски: Културната дипломатија е сериозен инструмент за градење доверба, партнерства и долгорочно влијание

Муцунски: Културната дипломатија е сериозен инструмент за градење доверба, партнерства и долгорочно влијание

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска се обрати на отворањето на 4. Форум за културна дипломатија „Скопје 2026“, што се одржува на тема „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“.

Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека во современиот свет влијанието на една држава не се мери само според нејзината големина, економска или воена моќ, туку и преку способноста да инспирира доверба, да создава идеи и да гради партнерства.

Тој нагласи дека културната дипломатија има суштинска улога во враќањето на човечката димензија во меѓународните односи, особено во време кога светот е технички поврзан повеќе од кога било, но политички и општествено често подлабоко оддалечен.

„Културната дипломатија често се опишува како мека моќ. Но во денешниот свет, таа воопшто не е мека во своето значење. Таа е сериозен инструмент на државно позиционирање, на градење партнерства и на долгорочно влијание“, истакна министерот Муцунски.

Во обраќањето беше нагласено и дека зад секоја држава стојат луѓе, зад секоја политика искуства, а зад секој идентитет историја, јазик, култура и достоинство, при што министерот потенцираше дека кога тоа ќе се заборави, дипломатијата станува „студена техника“, а кога ќе се разбере – таа станува простор за вистинско поврзување.

Посебен осврт беше даден и на улогата на културната дипломатија во градењето мир и доверба, при што беше истакнато дека мирот не се гради само кога ќе заврши кризата, туку многу порано – преку каналите на разбирање и дијалог што државите ги отвораат навреме.

Министерот Муцунски посочи и дека државата треба да ги користи културата, образованието, младите луѓе, уметниците, дијаспората, научното знаење и европската перспектива како дел од една поширока дипломатска понуда.

Во рамки на обраќањето беше нагласено и значењето на културната дипломатија за Западниот Балкан, при што министерот Муцунски истакна дека историјата не треба да биде алатка за блокирање на иднината, туку простор за разбирање, почитување и градење доверба.

Настанот е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ (ICAC) и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Форумот за културна дипломатија „Скопје 2026“ обедини претставници на дипломатскиот кор, академската заедница, културни институции, меѓународни организации и експерти од повеќе земји.

Мени за пристапност