Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

УЧЕСТВО НА ЗАМЕНИК МИНИСТЕРОТ ДИМИТРОВСКИ НА МИНИСТЕРСКИ СОСТАНОК НА ЦЕФТА ВО БРИСЕЛ

УЧЕСТВО НА ЗАМЕНИК МИНИСТЕРОТ ДИМИТРОВСКИ НА МИНИСТЕРСКИ СОСТАНОК НА ЦЕФТА ВО БРИСЕЛ

На 27 мај 2026 година, во Брисел се одржа Министерски состанок на ЦЕФТА на тема „Осврт на приоритетите на ЦЕФТА 2026“, на кој учествуваше заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски.

Фокусот на дискусијата на министерскиот состанок беше ставен на унапредувањето на регионалната економска интеграција, олеснувањето на трговијата, дигитализацијата на процедурите и подготовката на економиите од регионот за постепено интегрирање во единствениот пазар на Европската Унија. Притоа, од страна на Димитровски беше истакнато дека македонската Влада останува цврсто посветена на спроведувањето на реформите, зајакнувањето на регионалната соработка и создавањето попредвидлива и поефикасна деловна средина, во насока на забрзување на евроинтегративниот процес и економскиот развој.

Во своето обраќање, заменик министерот Димитровски истакна дека нашата земја останува цврсто посветена на исполнувањето на приоритетите на ЦЕФТА како клучна платформа за зајакнување на регионалната соработка. Притоа, нагласи дека целосно функционален Заеднички регионален пазар треба да остане во сржта на напорите за постепена интеграција во внатрешниот пазар на Европската Унија.

Тој посочи дека ЦЕФТА не претставува само регионална трговска рамка, туку и практичен механизам за подготовка и усогласување со европските практики преку унапредување на интероперабилноста, дигиталната трансформација, олеснувањето на трговијата и современите регулаторни процеси, со цел поддршка на економијата, Планот за раст и реформските процеси.

Воедно, Димитровски го поздрави напредокот на нашата земја во реализацијата на приоритетите на ЦЕФТА, особено во делот на иницијативата „Зелени ленти“, дигитализацијата на трговските процедури, зајакнатата царинска соработка, унапредувањето на програмите за овластени економски оператори, електронската размена на податоци и признавањето на доверливи електронски услуги.

Притоа беше нагласено дека ефективната имплементација останува од суштинско значење, особено имајќи ги предвид очекувањата на бизнис секторот за поголема предвидливост, поефикасни регионални синџири на снабдување и конкретни олеснувања во трговијата.

Нашата земја, како што истакна Димитровски, останува целосно посветена на конструктивен придонес и активно учество во понатамошниот развој на регионалната економска соработка во рамки на ЦЕФТА.

Мени за пристапност