Во пресрет на 8 Септември – Денот на независноста и одбележувањето 35 години од историската одлука за самостојност, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, присуствуваше на свечен настан во македонската Амбасада во Варшава, со претставници на македонската дијаспора.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека Денот на независноста е можност не само да се потсетиме на историската одлука за самостојност, туку и на одговорноста што ја носи секоја генерација во градењето на иднината.
„Независноста не е само историски чин, туку и секојдневна одговорност – да градиме силни институции, да ја чуваме слободата и да создаваме подобра иднина“, порача Муцунски.
Осврнувајќи се на улогата на дијаспората, тој нагласи дека нејзиното знаење и искуство претставуваат значаен потенцијал и важен мост меѓу луѓето и можностите.
„Нашата дијаспора е важен дел од таа иднина – мост што ги поврзува луѓето, искуствата и можностите. Да го чуваме јазикот, традицијата и заедништвото, но и заедно да ја градиме иднината“, истакна Муцунски.
На крајот од обраќањето, министерот упати честитка по повод претстојниот празник:
„Нека ни е честит Денот на независноста!“