Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Обраќање на министерот Муцунски на настан организиран од канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Австриското сојузно министерство за европски и меѓународни прашања

Обраќање на министерот Муцунски на настан организиран од канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Австриското сојузно министерство за европски и меѓународни прашања

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска се обрати на настан во рамки на Програмата за истражувачко менторство, организиран од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и поддржан од Австриското сојузно министерство за европски и меѓународни прашања. Настанот се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека младите претставуваат највреден ресурс на општеството и клучен двигател во создавањето на напредна, демократска и успешна држава. Тој нагласи дека темата за младите не е само економско или социјално прашање, туку и тест за способноста на државите да создадат иднина која ќе ги задржи најдобрите меѓу нив.

„Како држава и регион, соочени сме со заеднички предизвик – сè повеќе талентирани млади луѓе ја бараат својата иднина надвор од границите на Балканот. За да го промениме тоа, потребен е системски и долгорочен пристап што ќе создаде услови младите да останат, а можеби и да се вратат. Тоа значи функционални институции, борба против корупцијата, квалитетно образование, поволна деловна клима и нови можности за работа и претприемништво,“ истакна Муцунски.

Тој додаде дека политиките за младите мора да се градат со нивно активно учество, бидејќи нивниот глас треба да се слуша таму каде што се носат одлуките – во институциите и во рамките на реформските процеси. Муцунски ја потенцираше и важноста на европската перспектива за младите, нагласувајќи дека забрзувањето на европската интеграција е клучен приоритет за создавање реални можности и услови за нивен останок во земјата.

Во однос на регионалната соработка, министерот ја истакна значајната улога на RYCO како платформа што ги поврзува младите од сите шест земји на Западен Балкан, градејќи доверба и визија за заедничка иднина како дел од обединета Европа.

„Како Влада, но и како генерација и општество, имаме обврска да обезбедиме фер шанса за младите – да создадеме држава во која ќе можат да останат или да се вратат, да работат, да иновираат и да ја градат својата иднина тука, дома,“ порача Муцунски.

Мени за пристапност