По повод Денот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денес Министерството со пригодна свеченост го одбележа овој значаен датум, како потврда за својата улога во унапредувањето на надворешната политика и економските интереси на Република Северна Македонија.
На свеченоста пред вработените се обрати министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој ја истакна посветеноста на Министерството и неговата клучна улога во спроведувањето одговорна, проактивна и резултатски ориентирана надворешна политика и економска дипломатија, насочена кон заштита на националните интереси и зајакнување на меѓународната позиција на државата.
Во своето обраќање, министерот Муцунски го истакна историскиот развој на институцијата, потсетувајќи дека темелите на македонската дипломатска служба се поставени на 29 април пред 57 години, со формирањето на Бирото за односи со странство, како и дека по независноста во 1991 година институцијата се трансформира во Секретаријат за односи со странство, а подоцна во Министерство за надворешни работи, кое во 2024 година го прошири своето портфолио со надлежностите во областа на надворешната трговија.
Тој нагласи дека, иако историјатот на институцијата е релативно кус, нејзиниот придонес во градењето на современата македонска држава е немерлив, а улогата во нејзиното етаблирање во меѓународните односи – пресудна, истакнувајќи дека Северна Македонија денес е рамноправна земја, членка на релевантните меѓународни организации и НАТО Алијансата, посветена на почитување на меѓународното право, мирот и дијалогот.
Осврнувајќи се на предизвиците, министерот посочи дека тие биле составен дел од развојот на дипломатската служба, но воедно претставувале мотив за уште поголема посветеност во остварувањето на стратешките цели на државата.
„Предизвиците не изостануваат ниту денес. И натаму остануваат нашите стратешки определби за целосна европска интеграција, при што остануваме цврсто посветени на спроведување на реформите и исполнување на стандардите на Европската Унија“, истакна Муцунски.
Во рамки на свеченоста беа доделени признанија за дипломатите кои во изминатата година постигнале вонредни резултати, како и за вработените кои заминале во пензија.
На крајот од обраќањето, министерот Муцунски упати честитка до сите вработени и поранешни колеги, нагласувајќи ја важноста на нивниот придонес во развојот на македонската дипломатија.