Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Одржан седмиот состанок на Меѓувладината мешовита комисија за заштита на македонското и хрватското национално малцинство

Одржан седмиот состанок на Меѓувладината мешовита комисија за заштита на македонското и хрватското национално малцинство

Денеска се одржа Седмиот состанок на Меѓувладината мешовита комисија за заштита на националните малцинства помеѓу нашата држава и Република Хрватска.

Со состанокот ко-претседаваа заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, г-дин Зоран Димитровски, и државниот секретар во Средишниот државен уред за Хрватите надвор од Република Хрватска, г-дин Звонко Милас, со учество на членови на двете делегации и претставници на националните малцинства.

Во своето обраќање, заменик министерот Димитровски истакна дека работата на Комисијата претставува суштински дел од напорите за заштита и унапредување на човековите и малцинските права, како темелни вредности на европската демократија. „Заштитата на малцинските права не е само правно прашање. Таа е огледало на демократската зрелост на една држава. За нас, мултиетничноста е дел од нашиот идентитет и грижата за националните малцинства е наша стратешка определба", нагласи тој.

На состанокот беше изразено заемно задоволство од досегашната соработка и од постигнатиот напредок во заштитата на правата на македонското национално малцинство во Република Хрватска и хрватското национално малцинство кај нас. Посебно беа истакнати позитивните практики во областа на образованието, културата, медиумското информирање и институционалната поддршка.

Членовите на Комисијата се согласија дека е потребно натамошно зајакнување на континуираната комуникација меѓу надлежните институции, поефикасна имплементација на препораките и редовно вклучување на претставниците на националните малцинства во работата на Комисијата.

Состанокот заврши со заедничка оценка дека преку искрен дијалог, реципроцитет и јасна политичка волја може дополнително да се унапреди положбата на националните малцинства и да се зајакнат билатералните односи и европската перспектива на регионот.

Следниот состанок на Комисијата ќе се одржи во 2027 година во Загреб.

Мени за пристапност