Денеска, во Љубљана, беа одржани редовните билатерални политички консултации меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија, предводени од заменик-министерот Зоран Димитровски и државната секретарка за европски и политички прашања, Тамара Вајнгерл Пожар.
На консултациите беа потврдени одличните билатерални односи и успешната соработка на двете пријателски земји, заснована на меѓусебна поддршка и почитување.
Заменик-министерот Димитровски и државната секретарка Вајнгерл Пожар се осврнаа на актуелните состојби во двете држави, со посебен фокус врз процесот на интеграција на нашата земја во Европската Унија. Словенечката страна ја потврди силната и отворена поддршка за нашата европска интеграција врз основа на објективни критериуми, при што беа договорени и конкретни чекори за иницирање нови билатерални меморандуми за соработка во повеќе сектори, со цел дополнително зајакнување на административните и законодавните капацитети.
Во однос на економската соработка, беше поздравен позитивниот тренд во трговската размена и беа разгледани можностите за нови словенечки инвестиции, како и за продлабочување на соработката во земјоделството, туризмот, енергетиката и дигитализацијата.
Соговорниците ја истакнаа и успешната соработка во процесот на сукцесија на поранешна СФРЈ, во пресрет на претстојниот состанок на Постојаниот комитет во Охрид.
Како НАТО сојузници, двете делегации ја потврдија посветеноста на регионалната стабилност и колективната безбедност во регионот и пошироко.
За време на консултациите беа разменети мислења за заемната поддршка на кандидатурите во меѓународните организации, беше потврдена поддршката за суверенитетот на Украина, усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и актуелните геополитички предизвици и нивните импликации врз меѓународните односи.