Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Маја Сивањанам.
Посакувајќи ѝ добредојде, министерот Муцунски ѝ честиташе за преземањето на должноста и ѝ посака успешно извршување на дипломатската мисија. Притоа, изрази подготвеност за заедничка работа во насока на натамошно зајакнување на одличните билатерални односи и блиската соработка меѓу двете земји.
Во фокусот на разговорите беа стратешкото партнерство, сојузништвото во НАТО, регионалната безбедност, како и можностите за продлабочување на трговската и инвестициската соработка.
Министерот Муцунски изрази уверување дека за време на мандатот на амбасадорката Сивањанам, партнерството ќе продолжи да се развива во повеќе области од заемен интерес, вклучително безбедноста и одбраната, трговијата и инвестициите, иновациите, образованието и можностите за младите.
На средбата беше потврдена и подготвеноста за натамошна тесна соработка по прашања од заеднички интерес и за конкретни чекори што ќе придонесат за дополнително унапредување на односите меѓу двете држави.