Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски и Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, денеска остварија одделни средби со вонредната и ополномоштена амбасадорка на Канада, со седиште во Белград, Н.Е. Мишел Камерон.
На средбите беше поздравено одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, оценувајќи го јубилејот како значаен повод за афирмирање на пријателските односи меѓу двете земји и дополнителен поттик за нивно натамошно унапредување.
На средбата на заменик министерот Димитровски со амбасадорката Камерон беше разговарано за можностите за изнаоѓање нови и збогатени форми на соработка, со особен акцент на економската сфера и натамошното продлабочување на билатералните односи.
Во разговорот со државниот секретар Палашевски, особено внимание беше посветено на неговата претстојна посета на Торонто и учеството на Втората меѓународна
конференција „Pathways to Peace: Second International Conference on Returning Ukrainian Children, Detained Civilians, and Prisoners of War“, која ќе се одржи на 28 и 29 септември 2026 година.
Беше истакнато значењето на учеството на конференцијата, како и можноста во рамките на посетата да бидат остварени дополнителни контакти и средби со канадски соговорници.
Во разговорите беше истакната потребата од натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и институционалната комуникација меѓу двете земји. Во тој контекст, беше разгледана и можноста за обновување на политичките консултации меѓу министерствата за надворешни работи во претстојниот период.
Двете страни изразија подготвеност јубилејната година да се искористи за внесување нова динамика во билатералните односи, преку интензивирање на политичките контакти, реализација на посети и средби на високо ниво и продлабочување на соработката во области од заемен интерес.