Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски на 23 септември 2026 година оствари средба со делегација од Министерството за надворешни работи на Кралството Белгија, предводена од г. Кристоф де Неис, генерален директор за европски работи и координација.
Во фокусот на разговорот беа европската интеграција на нашата земја, актуелните состојби и перспективите на процесот на проширување на Европската Унија, како и развојот на билатералните односи со Кралството Белгија. Беа разменети мислења и за тековните дискусии во Унијата и меѓу земјите членки во однос на иднината на проширувањето и внатрешните реформи на ЕУ.
Заменик министерот Димитровски ја истакна континуираната посветеност на нашата земја на европската агенда и спроведувањето на реформите, притоа нагласувајќи ги постигнатите резултати во рамки на Планот за раст и спроведувањето на Реформската агенда, како и високото ниво на усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Во тој контекст, тој ја истакна важноста од одржување на јасен, кредибилен и предвидлив процес на пристапување, заснован на индивидуалните заслуги, кој би ја придвижил земјата кон следниот чекор во преговорите кон полноправното членство.
На средбата беше потврдена поддршката на Белгија за процесот на проширување на Европската Унија и за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Заменик министерот Димитровски изрази благодарност за принципиелната поддршка на Белгија, како и за нејзиниот придонес во јакнењето на административните капацитети и експертизата потребни за успешно спроведување на европската агенда.
Двете страни ја потврдија важноста од продолжување на интензивниот политички дијалог, особено во контекст на европската интеграција, како и од натамошно продлабочување на билатералната соработка, вклучително и преку размена на искуства и во унапредување на економската соработка меѓу двете земји.