Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, присуствуваше на официјалното отворање на штандот „Balkan Culture – In Cooperation with the Republic of North Macedonia“, поставен во рамки на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби.
На отворањето присуствуваа Н.Е. д-р Али бин Тамим, претседател на Центарот за арапски јазик во Абу Даби, како и претставници на културните институции, дипломатскиот кор и меѓународниот издавачки сектор.
При посетата на штандот, на д-р Али бин Тамим му беше претставено богатото културно наследство на нашата земја преку поставките посветени на македонскиот фолклор, археолошките артефакти и книжевното наследство. Посебно внимание беше посветено на автентичните историски ракописи, стари повеќе од 600 години, кои сведочат за вековната книжевна традиција и за историските културни врски со арапскиот свет.
На маргините на отворањето, државниот секретар Палашевски оствари куртоазен разговор со д-р Али бин Тамим, при што изрази благодарност за поддршката и за можноста македонската литература и култура да бидат претставени во рамки на овој значаен меѓународен настан. Во разговорот беше изразен интерес за натамошно унапредување на културната соработка, преведувачката и издавачката дејност.
Македонското учество се реализира во рамки на програмата посветена на балканската култура, како почесен гостин на Саемот, и претставува значајна можност за меѓународна промоција на македонската литература, историја, уметност и културно наследство, како и за продлабочување на културната соработка и дијалогот меѓу народите.