Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, учествуваше на политичкиот панел „2030 започнува денес“, одржан во рамки на Економскиот форум во Карпач, Република Полска.
Во своето обраќање, Палашевски истакна дека политичките одлуки што се носат денес ќе имаат пресудно влијание врз безбедноста, економската отпорност и конкурентноста на Европа до крајот на деценијата. Во услови на геополитички тензии, технолошка трансформација и преструктуирање на глобалните синџири на снабдување, тој ја нагласи потребата од координиран пристап кон надворешната политика, безбедноста, трговијата, енергетиката и дигиталниот развој.
Посебно внимание беше посветено на проширувањето на Европската Унија како стратешка инвестиција во стабилноста и безбедноста на континентот. Палашевски нагласи дека процесот мора да остане кредибилен, предвидлив и заснован врз заслуги, при што исполнувањето на утврдените критериуми треба да биде проследено со конкретен напредок.
Осврнувајќи се на економската отпорност, државниот секретар го истакна значењето на регионалната поврзаност, диверзификацијата на синџирите на снабдување и инвестициите во Коридорите VIII и X, енергетските интерконекции и дигиталната инфраструктура. Тој посочи дека Северна Македонија, како членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ, може да придонесе кон посигурни и поконкурентни европски синџири на вредност.
Палашевски ја нагласи и потребата зелената и дигиталната транзиција да бидат двигатели на развојот, преку вложувања во обновливи извори на енергија, складирање енергија, вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, образование и современи индустриски капацитети. Тој укажа дека инвестициите во човечкиот капитал и создавањето подобри можности за младите се неопходни за справување со демографските предизвици и одливот на квалификувана работна сила.
Во завршницата од обраќањето, државниот секретар ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон меѓународниот поредок заснован врз правила, почитувањето на меѓународното право и ефективната мултилатерална соработка.
„Северна Македонија е подготвена да придонесува како доверлив сојузник во НАТО, посветена земја кандидат за членство во ЕУ и конструктивен партнер во изградбата на побезбедна, поповрзана и поконкурентна Европа“, порача државниот секретар Палашевски.