Во рамки на учеството на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби, државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, го посети штандот на Министерството за култура на Обединетите Арапски Емирати – земјата домаќин на Саемот, каде што оствари средба со Н.Е. Мубарак Ал Нахи, потсекретар во Министерството за култура на ОАЕ.
Во насока на унапредување и институционализирање на соработката, беше разгледана можноста за потпишување Меморандум за разбирање меѓу надлежните институции на двете земји. Меморандумот би создал основа за реализација на заеднички проекти, размена на автори, уметници и експерти, превод и промоција на литературни дела, како и заемно учество на културни манифестации и меѓународни саеми.
Палашевски упати покана до потсекретарот Ал Нахи да ја посети нашата држава, при што посетата би била искористена за усогласување на текстот и дефинирање на областите на соработка пред потпишувањето на Меморандумот за разбирање.
Палашевски изрази благодарност за гостопримството и поддршката од институциите на ОАЕ за претставувањето на македонската литература, историја и културно наследство на Саемот. Тој го нагласи нашиот интерес за натамошно продлабочување на културната и јавната дипломатија со Обединетите Арапски Емирати.