Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Политички консултации меѓу Северна Македонија и Швајцарија: Фокус на економската соработка, европската интеграција и регионалната стабилност

Политички консултации меѓу Северна Македонија и Швајцарија: Фокус на економската соработка, европската интеграција и регионалната стабилност

Во рамки на редовниот политички дијалог меѓу Република Северна Македонија и Швајцарската Конфедерација, на 26 октомври 2026 година во Берн се одржаа билатерални политички консултации, предводени од државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Јовица Палашевски, и помошникот државен секретар и раководител на Дивизијата за Евроазија во швајцарскиот Федерален департман за надворешни работи, Пјер-Ив Фукс.

На консултациите беа разгледани можностите за натамошно унапредување на билатералните односи, со посебен акцент на економската соработка, привлекувањето швајцарски инвестиции, развојната поддршка, европската интеграција и актуелните политички и безбедносни предизвици во регионот.

Особено внимание беше посветено на потребата економското партнерство да добие нова динамика преку директно поврзување на деловните заедници, искористување на потенцијалите на Македонско-швајцарската стопанска комора и идентификување конкретни инвестициски можности во напредното производство, новите технологии, енергетиката и инфраструктурата.

Во контекст на долгогодишната швајцарска развојна поддршка, беше истакнато значењето на Програмата за соработка 2025–2028 година, особено во областите на демократското управување, одржливиот економски развој, управувањето со водните ресурси, животната средина и зајакнувањето на институционалните капацитети. Беше нагласена важноста на конкретни и мерливи резултати од заедничките проекти.

Државниот секретар Палашевски ја реафирмираше цврстата определба на Северна Македонија за полноправно членство во Европската Унија, продолжување на реформските процеси и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Притоа, беше нагласена потребата од кредибилен, предвидлив и меритократски пристапен процес, во кој напредокот ќе се вреднува според постигнатите резултати.

Во разговорите за регионалните состојби беа разгледани односите со соседните земји, значењето на добрососедската соработка, политичкиот дијалог и потребата од зачувување на стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан.

Разменети беа мислења и за соработката во рамките на ОБСЕ, Советот на Европа и Обединетите нации, со посебен осврт на швајцарското претседавање со ОБСЕ во 2026 година и можностите за натамошна координација по прашања од заеднички интерес.

Консултациите претставуваа можност за дополнително продлабочување на политичкиот дијалог и за дефинирање приоритетни области за практична соработка, во пресрет на планираната посета на швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис на Северна Македонија.

Мени за пристапност