Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

ПОТПИШАНА ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА НАМЕРИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ И НАДВОРЕШНА ТРГОВИЈА И СОЈУЗНОТО МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕКОНОМСКИ РАБОТИ И ЕНЕРГЕТИКА НА СОЈУЗНА РЕПУБЛИКА ГЕРМАНИЈА

ПОТПИШАНА ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА НАМЕРИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ И НАДВОРЕШНА ТРГОВИЈА И СОЈУЗНОТО МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕКОНОМСКИ РАБОТИ И ЕНЕРГЕТИКА НА СОЈУЗНА РЕПУБЛИКА ГЕРМАНИЈА

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, заедно со делегација од Министерството за економија и труд, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и од Стопанските комори, на 27 април 2026 година во Берлин, учествуваше на работен состанок за формирање на Заедничкиот економски управувачки комитет (JESCO) помеѓу двете Министерства. 
 
Во рамки на состанокот, Димитровски заедно со заменик – генералниот директор за економска политика во сојузното Министерство за економски работи и енергетика, д-р Нина Вундерлих, ја потпишаа Заедничката декларација за намери за соработка меѓу двете Министерства, со која рамка се воспоставува сеопфатна основа за натамошно унапредување и структурно продлабочување на економската соработка, со посебен акцент на поттикнување на нови инвестиции, зголемување на трговската размена и развој на одржливи економски партнерства меѓу двете земји. 
 
На состанокот беше истакнато дека Германија претставува најзначаен трговски партнер на нашата земја, со континуиран раст на трговската размена, со ниво од над 5 милијарди евра годишно. Германските инвестиции имаат значаен придонес во развојот на индустриското производство, извозниот капацитет и вработеноста во земјата. Во таа насока, Димитровски констатираше дека нивното натамошно поттикнување, особено во светло на потпишаната Декларација, дополнително ќе придонесе кон зајакнување на економските врски меѓу двете земји во иднина. 
 
Во рамки на дискусиите, посебен акцент беше ставен на потребата од натамошно унапредување на меѓусебната соработка во повеќе сектори, и тоа: економската и индустриска соработка, енергетиката, дигиталната трансформација, наменската индустрија, земјоделството, како и на засилена соработка помеѓу бизнис заедниците.
 
Двете делегации констатираа значителен потенцијал за натамошно продлабочување на билатералната економска соработка, како и заемна подготвеност за интензивирање на институционалниот и бизнис дијалог во наредниот период.
 
На состанокот се разговараше и за актуелните глобални економски предизвици и нивното влијание врз трговските и инвестициските текови. Двете страни се согласија, дека и покрај глобалната неизвесност, остануваат силно посветени на натамошно зајакнување на економската соработка, заснована на долгогодишните добри политички и економски односи меѓу двете земји.

Мени за пристапност