Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, предводена од Антје Ванделт.
На средбата беше разговарано за активностите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија насочени кон поддршка на извозно ориентираните компании, поттикнување на извозот и привлекување странски инвестиции.
Соговорниците се осврнаа и на конкретните предизвици со кои се соочуваат дел од германските инвеститори во своето работење, при што министерот Муцунски ја истакна подготвеноста на Владата за нивно навремено адресирање и за континуирана поддршка на бизнис-заедницата.
Нагласувајќи дека економскиот развој останува висок приоритет на Владата, министерот Муцунски ја потврди посветеноста за создавање поволна и предвидлива бизнис-клима, со цел поддршка на постојните странски инвеститори и привлекување нови инвестиции.