Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Рита Колумбија, денеска го одржаа првиот состанок на Заедничкиот управувачки комитет за спроведување на новата Рамка за соработка за одржлив развој помеѓу Обединетите нации и Северна Македонија за периодот 2026–2030 година.
На состанокот беа усвоени заедничките работни планови за претстојниот период. Воедно, беше направен осврт на досегашните достигнувања во спроведувањето на Рамката за соработка, како и на приоритетите за наредниот период.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека улогата на Обединетите нации останува клучна како платформа за дијалог, двигател на развојните политики и гарант на меѓународниот поредок заснован на правила.
„Особено значајно е што влегуваме во нов циклус на глобално лидерство во системот на Обединетите нации, со претстојниот избор на нов генерален секретар. Тоа отвора нова можност за дополнително зајакнување на ефективноста, реформите и релевантноста на Организацијата во справувањето со современите предизвици, како и за обновување и зацврстување на довербата во мултилатерализмот. Новата Рамка за соработка 2026–2030 претставува стратешка основа за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу Владата и системот на Обединетите нации“, истакна Муцунски.
Постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија, ја нагласи важноста на заедничките напори на сите општествени чинители во процесот на одржлив развој и изрази благодарност за нивниот придонес.
„Во 2025 година, Обединетите нации во Северна Македонија дејствуваа обединето во поддршка на националните приоритети на државата, истовремено завршувајќи ја Рамката за соработка 2021–2025 и поставувајќи ги основите за новата визија за периодот 2026–2030 година. Постигнатиот напредок е заеднички успех. Им благодарам на Владата за цврстото партнерство, како и на нашите развојни партнери за довербата, поддршката и соработката. Особено ја ценам улогата на граѓанските организации, академската заедница, младинските и женските организации, како и приватниот сектор, чии придонеси беа од суштинско значење. Заедно градиме позелена и поздрава иднина за генерациите што доаѓаат“, истакна Колумбија.
Во рамки на дискусијата, членовите на Заедничкиот управувачки комитет од Владата и Тимот на Обединетите нации во земјата разменија мислења за приоритетите на Владата во тековниот период, како и за натамошната поддршка што системот на ОН може да ја обезбеди во спроведувањето на националните развојни цели и новата Рамка за соработка за периодот 2026–2030 година.