Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, денес оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Н.Е. Рафаел Соријано Ортиз.
На средбата беше изразено заемно задоволство од одличните и пријателски односи меѓу двете држави, засновани на доверба, меѓусебна поддршка и континуиран политички дијалог. Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на билатералната соработка и интензивирање на дијалогот на сите нивоа.
Посебно внимание беше посветено на процесот на пристапување кон Европската Унија. Палашевски ја истакна важноста на шпанската поддршка за македонските евроинтеграции, нагласувајќи дека членството во ЕУ останува стратешка определба на државата и значаен придонес кон долгорочната стабилност и просперитет на регионот.
Во разговорот за економската соработка беа поздравени позитивните трендови во трговската размена и успешното учество на шпанските компании во реализацијата на значајни инфраструктурни, енергетски и еколошки проекти во нашата држава. Беше оценето дека постои значителен потенцијал за унапредување на македонско-шпанските економски односи и за проширување на соработката во области од заемен интерес.
Соговорниците изразија уверување дека повеќедецениското пријателство и партнерство претставуваат цврста основа за натамошно зајакнување на севкупните односи меѓу двете држави.