Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, оствари средба со делегација на Одборот на директори на Европската банка за обнова и развој.
Средбата беше организирана во рамките на воспоставената практика на ЕБОР за периодични посети на земјите во кои Банката е активна. Во фокусот на разговорите беа досегашната соработка со нашата земја и можностите за нејзино натамошно продлабочување, како и напредокот во спроведувањето на реформите во рамките на евроинтегративниот процес.
Заменик министерот Димитровски ја истакна важноста на партнерството со Европската банка за обнова и развој во поддршката на реформските процеси и одржливиот економски развој на земјата. Беше потврдена заемната определба за натамошно унапредување на соработката, особено преку поддршка на инвестициите и реализација на проекти од значење за развојните перспективи на земјата .
На средбата беше претставено и проширеното портфолио на Министерството во областа на надворешната трговија, со осврт на тековните активности насочени кон привлекување странски инвестиции, промоција на извозните потенцијали на земјата и продлабочување на економските и трговски односи и соработка на нашата земја со меѓународните партнери.
Во разговорите беа разменети мислења и за актуелните политички, безбедносни и економски состојби во регионот и пошироко, како и за геополитичките предизвици и нивните импликации врз регионалната стабилност. Во тој контекст, Димитровски го нагласи значењето на забрзувањето на процесот на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, како важен фактор за зајакнување на стабилноста и безбедноста во регионот и Европа.
Говорејќи за добрососедските односи, Димитровски ја потврди определбата на нашата земја за нивно натамошно унапредување, односно нашата посветеност кон градењето односи на доверба со соседите, потенцирајќи дека ваквиот пристап е клучен за продлабочување на регионалната соработка и за остварување на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.