Денес, државниот секретар во министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски оствари средба со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Скопје, Кристоф Зомер.
На средбата беше потврдено заемното задоволство од досегашниот развој на односите меѓу двете пријателски земји особено од динамичниот политички дијалог и широката секторска соработка во рамки на швајцарската развојна програма, со акцент на новата развојна стратегија за периодот 2025-2028, чија цел е да ги поддржи македонските реформи за европска интеграција и одржлив развој преку јакнење на демократските институции, поттикнување на зелен економски раст, зголемување на отпорноста на климатските промени, притоа промовирајќи одржливо управување со природните ресурси.
Искажана беше и силна заложба за продлабочување на економските односи и зголемување на трговската размена како и изнаоѓање на модалитети за интензивирање на контактите меѓу претставниците на бизнис заедницата преку организирање на заеднички бизнис форуми.
Беше потенцирана и меѓусебната поддршка во мултилатералните организации, во чии рамки нашата земја негува партнерски односи со Швајцарија.
Државниот секретар Палашевски истакна дека нашата држава останува силно посветена на реформската агенда и на полноправното членство во ЕУ и покрај сите предизвици во рамките на долгиот процес на интегрирање.