Во рамки на посетата на Кралството Шпанија, државниот секретар д-р Јовица Палашевски оствари средба со Фернандо Мартинес Лопез, државен секретар за демократска меморија во шпанското Министерство за територијална политика и демократска меморија.
Како конкретни приоритети за понатамошна соработка беа издвоени размената на експертски искуства, модернизацијата на архивските системи и развојот на заеднички иницијативи во областа на демократската меморија и транзициската правда.
Во таа насока, во фокусот на разговорите беа следните можности за соработка:
* Институционална размена на искуства за политиките на демократската меморија, процесите на помирување и транзициската правда;
* Споделување на шпанските искуства во дигитализацијата и модернизацијата на државните архиви, историските досиеја и чувствителната документација;
* Организирање експертски работилници за размена на знаења и добри практики меѓу надлежните институции;
* Развивање заеднички културни и едукативни иницијативи за зачувување на историската меморија, поттикнување на дијалогот и јакнење на демократските вредности.
Д-р Палашевски ја истакна важноста на воспоставувањето институционални канали за соработка со шпанските партнери, со цел искуствата и добрите практики да се преточат во конкретни активности и долгорочна размена на знаења.
Средбата ги утврди клучните области за понатамошно дејствување и создаде основа за разгледување конкретни модели на институционална соработка меѓу двете земји, со очекуван придонес кон модернизацијата на архивските капацитети, унапредувањето на политиките на демократската меморија и јакнењето на демократските институции.
Соработката со Шпанија во овие области претставува можност за продлабочување на билатералните односи и размена на искуства во контекст на европските интеграции и заедничката заложба за поотпорна и подемократска Европа.