Во рамки на работната посета на Кралството Шпанија, државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, оствари средба со Марта Бланко Кесада, директор во Шпанската конфедерација на бизнис организации (CEOE).
На средбата беа разменети мислења за актуелните економски текови и можностите за натамошно унапредување на билатералната економска соработка меѓу двете држави. Соговорниците ја нагласија потребата од интензивирање на контактите меѓу деловните заедници на двете земји, зголемување на трговската размена и поттикнување на нови инвестиции.
Државниот секретар Палашевски ги претстави приоритетите на Владата насочени кон економски раст, развој на приватниот сектор и привлекување странски директни инвестиции, при што ги истакна поволностите што ги нуди македонскиот економски модел за странските инвеститори, вклучително и можностите во Технолошко-индустриските развојни зони.
Посебен акцент беше ставен на потенцијалот за соработка во областа на обновливите извори на енергија, инфраструктурата и транспортот, информатичките и комуникациските технологии, туризмот, земјоделството и прехранбената индустрија, како и во проектите за заштита на животната средина и управување со отпад.
Воедно, беше изразена подготвеност за понатамошно организирање на заеднички бизнис-форуми и активности за поврзување на македонските и шпанските компании, со цел создавање нови партнерства и проширување на економската соработка меѓу двете пријателски земји.
Соговорниците го поздравија позитивниот тренд на шпанските инвестиции во нашата држава и изразија уверување дека економските односи ќе продолжат да се развиваат со зголемен интензитет во периодот што следи.