Денеска, државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, одржа средба со политичкиот советник во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, Бредли Гарднер.
На средбата беа разгледани актуелните аспекти на билатералната соработка меѓу двете земји со посебен осврт на натамошното унапредување на стратешкото партнерство и тековната реализација на активностите договорени во рамки на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји.
Соговорниците се осврнаа на прашањата од областа на енергетската безбедност и регионалната поврзаност, како и на можностите за натамошно унапредување на економската и трговската соработка. Воедно, беа разгледани и прашања поврзани со безбедносните предизвици, како и унапредувањето на визните политики преку засилена комуникација на институционално и експертско ниво.
На средбата беше реафирмирана заедничката определба за продолжување на редовниот политички дијалог и натамошно продлабочување на билатералната соработка во областите од заемен интерес, во функција на јакнење на долгорочното партнерство и придонес кон безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот.