Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Учество на заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски на 14-от Состанок ЕУ-ЗБ6 на ниво на политички директори во Круја, Албанија

Учество на заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски  на 14-от Состанок ЕУ-ЗБ6 на ниво на политички директори во Круја, Албанија

Денеска, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на 14. состанок ЕУ–Западен Балкан 6 на ниво на политички директори, што се одржа во Круја, Албанија. Состанокот го отвори министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, а на истиот учествуваа и замениците министри за надворешни работи од земјите на Западен Балкан. Состанокот беше посветен на натамошното продлабочување на соработката меѓу ЕУ и регионот во рамки на Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЗНБП).

 

На дневен ред беа теми поврзани со актуелните надворешно-политички и безбедносни предизвици, со посебен осврт на јакнењето на соработката меѓу ЕУ и регионот во областа на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, руската агресија врз Украина и состојбите во Јужниот Кавказ, како и влијанието на тековните геополитички случувања врз стабилноста и безбедноста на Западен Балкан. Состанокот, од страна на Европската Унија, го водеше амбасадорот Бјорн Олоф Ског, заменик генерален секретар за политички прашања во Европската служба за надворешна акција (EEAS).
 

Во своето излагање, заменик министерот Димитровски ја реафирмираше цврстата определба на нашата земја за целосна усогласеност со ЗНБП на ЕУ, како израз на стратешката и вредносна ориентација на државата. Притоа, го истакна конкретниот придонес на земјата кон европската и регионалната безбедност, како и подготвеноста за натамошно продлабочување на практичната соработка со ЕУ, особено во делот на одбраната, сајбер-безбедноста и справувањето со хибридните закани.
 

Димитровски ја потврди и континуираната поддршка за Украина, вклучително преку целосна усогласеност со рестриктивните мерки на ЕУ и обезбедување конкретна помош и поддршка, нагласувајќи ја важноста од постигнување праведен и траен мир, заснован врз меѓународното право и почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

 

Осврнувајќи се на геополитичката димензија на проширувањето, заменик министерот ја нагласи стратешката важност на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, како заеднички интерес и инвестиција во европската безбедност и стабилност. Во тој контекст, Димитровски ја поздрави неодамнешната порака на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, упатена на октомврискиот самит на Европскиот совет, за потребата од спречување на билатерализацијата на процесот на проширување на ЕУ, воедно нагласувајќи ја важноста напредокот на земјите кандидати да се вреднува врз основа на нивните постигнувања и исполнувањето на критериумите за членство, со цел да се зачуваат кредибилитетот, предвидливоста и заснованоста на заслуги на процесот на пристапување кон Европската Унија.

Мени за пристапност