На 16. јули 2026 година во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, се одржа средба помеѓу државниот секретар Јовица Палашевски и амбасадорот на Република Ирска во Република Северна Македонија Брендан Вард.
На средбата беше изразено взаемно задоволство од континуираниот развој на билатералните односи помеѓу двете земји. Воедно беше потврдена заедничката определба за натамошно јакнење на партнерството и соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Ирска, во духот на заедничките европски вредности и цели.
Посебно внимание беше посветено на европскиот интегративен процес на Република Северна Македонија, како и на приоритетите на ирското преседавање со Советот на Европската Унија во наредните шест месеци. Во таа насока државниот секретар Палашевски упати честитки до Репблика Ирска по повод превземањето на Претседавањето со Советот на Европската Унија, истакнувајќи ја важноста дека политиката на проширувањето треба да остане во континуитет високо на агендата на Европската Унија.
Државниот секретар изрази благодарност за континуираната поддршка на Република Ирска за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Исто така изрази очекување дека за време на Ирското преседавање ќе се создаде дополнителен импулс за понатамошно динамизирање на евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија и дека заеднички ќе може да се постигне конкретен напредок во однос на членството во Европската Унија.
Соговорниците, исто така, разговараа и за можностите за натамошно интензивирање на билатералната соработка во контекст на подготовката и објавувањето на првата Стратегија на Ирска за Западен Балкан. Беше оценето дека оваа иницијатива ќе отвори нови перспективи за продлабочување на политичките и економските односи, зајакнување на трговската и инвестициската соработка, унапредување на културната и образовната размена, како и за натамошна поддршка на европската интеграција на регионот.