Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со австриска делегација предводена од Амбасадорката Елизабет Корнфајнд, генерален директор за европски и економски прашања при Сојузното министерство за европски и меѓународни работи на Австрија, во чиј состав беа и амбасадорите на Австрија во земјите од Југоисточна Европа.
Средбата беше уште една потврда за посветеноста на двете земји кон унапредување на континуираниот, конструктивен и отворен политички дијалог на сите нивоа. Воедно, таа претставуваше можност за размена на ставови за прашања од билатералната и мултилатералната агенда, како и за разгледување на дополнителни области во кои може да се продлабочи соработката.
Министерот Муцунски ја претстави актуелната динамика на евроинтегративниот процес на државата, вклучително и реформските приоритети, и изрази благодарност за континуираната поддршка од Австрија, која и понатаму останува еден од најдоследните поддржувачи на пристапниот процес на земјата во Европската Унија, препознавајќи ја геополитичката важност од проширувањето на Унијата.
На средбата беа разменети мислења и за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа, како и за австриските позиции по клучни прашања поврзани со безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот.
Воедно, се разговараше и за актуелните глобални безбедносни предизвици, во насока на зајакнување на соработката и заштита на заедничките стратешки интереси.