Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата стана збор за динамиката во реализацијата на активностите предвидени во рамките на Стратешкиот дијалог.
Посебен акцент беше ставен на натамошното продлабочување на билатералните односи, со фокус на економската соработка, трговијата и можностите за нови конкретни иницијативи.
Соговорниците се осврнаа и на позитивните оценки за надворешната политика во последниот Извештај на Европската комисија.
Притоа, министерот Муцунски нагласи дека надворешната политика на државата е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, а надворешнополитичките приоритети јасно се темелат на стратешкото партнерство со САД и сојузништвото во НАТО.