Денеска, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на Меѓународната школа за локална демократија на тема „Младите ја обликуваат локалната демократија“, организирана од Европската асоцијација за локална демократија (ALDA) и Централноевропската иницијатива (CEI), во партнерство со Фондацијата „Ана Линд“ и Советот на Европа.
Во своето обраќање, Димитровски ја нагласи важноста на активното учество на младите во демократските процеси и донесувањето одлуки на локално ниво, посочувајќи дека нивните идеи и потреби треба да најдат конкретен одраз во локалните политики и активности.
Тој подвлече дека силните локални институции, владеењето на правото и граѓанското учество се основа за развој на инклузивно и демократско општество, но и за напредок во европската интеграција. Во таа насока, ги посочи локалните младински совети како значаен механизам за вклучување на младите во работата на локалните власти и развојот на нивните заедници.
Во таа насока, Димитровски посочи дека актуелните случувања во повеќе европски градови, каде младите го изразуваат своето незадоволство и загриженост за сопствената иднина, претставуваат важен потсетник за потребата од нивно суштинско вклучување во процесите на донесување одлуки. Тој нагласи дека младите не треба да бидат набљудувачи на политиките што ги засегаат, туку нивни активни креатори, со реална можност да учествуваат во утврдувањето на приоритетите и обликувањето на иднината на своите заедници и општества.
Осврнувајќи се на регионалната димензија, Димитровски нагласи дека регионалната соработка и европската интеграција се меѓусебно поврзани процеси, а размената на идеи и искуства меѓу младите од регионот е важен придонес кон долгорочната стабилност, демократијата и просперитетот на Западен Балкан.
Во рамки на настанот, заменик министерот оствари средба и со извршниот директор на Фондацијата „Ана Линд“, Жозеп Фере и генералниот секретар на ALDA, Антонела Валморбида. На средбата беше потврдена нашата поддршка на мисијата и активностите на двете организации насочени кон унапредувањето на меѓукултурниот дијалог, меѓусебното разбирање и поврзувањето на граѓаните од Европа и Медитеранот.
Посебно беше нагласена важноста од создавање можности за поголемо учество и соработка на младите во Западен Балкан и поширокиот евро-медитерански регион, како и улогата на Фондацијата „Ана Линд“ и ALDA во поврзувањето на граѓанските организации и регионалните партнери, особено во услови на зголемена поларизација и современи регионални предизвици.
На средбата, Димитровски ја потврди и нашатa посветеност кон натамошното унапредување на евро-медитеранската соработка во рамки на Унијата за Медитеранот, во која нашата земја пристапи во ноември 2022 година.