На маргините на Министерскиот состанок во рамки на Берлинскиот процес, заменик министерот Димитровски се сретна со специјалниот пратеник на Франција за Западен Балкан, амбасадорот Рене Троказ.
На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот, европската интеграција на нашата земја и актуелните прашања поврзани со пристапувањето на регионот кон Европската Унија.
Димитровски ја истакна благодарноста за континуираната француска поддршка за европската перспектива на нашата земја, како и за активниот македонско-француски дијалог.
На средбата беше потврдена заемната заложба за натамошно унапредување на билатералното партнерство. Беа разгледани и претстојните активности во рамки на процесот на нашето пристапување кон Европската Унија.
На средбата се разговараше и за прашањата од значење за унапредувањето на добрососедските односи, при што Димитровски ги истакна конструктивните чекори што нашата земја ги презема во насока на дијалог и градење доверба со нашите соседи. Во тој контекст, посочи дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за европската интеграција на нашата земја и да влијаат врз европската перспектива на регионот.