Денес, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски оствари работна средба со претставници на Министерството за регионална соработка на Државата Израел, предводени од генералниот директор, г. Гилад Шадмон.
На средбата беа потврдени блиските и пријателски односи помеѓу двете земји, како и заедничката заложба за нивно натамошно унапредување. Во тој контекст, беше истакнато значењето на неодамнешната посета на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на Израел, која беше оценета како важен чекор во насока на продлабочување на политичкиот дијалог и конкретната соработка помеѓу двете земји.
Посебен акцент беше ставен на економската и развојната соработка, како и на можностите за реализација на заеднички проекти во областа на образованието, земјоделството, иновациите и технологијата. Беше нагласена и важноста од поврзување на институциите, универзитетите и деловните заедници од двете земји, со цел размена на знаења, искуства и технологии и создавање нови можности за развој.
Во таа насока, заменик-министерот Димитровски ја истакна заложбата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за натамошно продлабочување на економската соработка со Израел, особено преку развојните програми на израелското Министерство за регионална соработка. Беше изразен интерес овие програми да се искористат како основа за реализација на заеднички проекти и инвестиции во областите од заемен интерес.
Генералниот директор Шадмон ја поздрави иницијативата за продлабочување на соработката и ја потврди подготвеноста на израелската страна за поддршка на конкретни проекти. Во тој контекст, беше истакнато значењето на размената на искуства и добри практики, со цел преку заеднички активности да се придонесе кон натамошен економски и технолошки развој и на двете земји.