Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денес оствари работна средба со Доминика Кроис, претставник на Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации и шеф на Канцеларијата на Обединетите нации во Белград, во рамки на нејзината дводневна посета на земјата.
На средбата беше разговарано за мандатот на Канцеларијата на ООН во Белград, од аспект на нејзината улога во мониторирањето на регионалните динамики и релевантни политичко-безбедносни прашања, како и улогата на нашата земја како силен поддржувач на мултилатерализмот и активен чинител во зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан.
Посебен акцент беше ставен на успешната и континуирана соработка со Обединетите нации. Димитровски ја истакна важноста на партнерството со агенциите на ОН, кое преку поддршката на реформските процеси и развојните приоритети на државата, дава значаен придонес кон напредокот на земјата на патот кон членство во Европската Унија.
Во фокусот на дискусијата беше и посветеноста на Владата за имплементација на Целите за одржлив развој, особено во контекст на одличната соработка со резидентниот координатор на ОН во земјава и целиот тим, преку Новата рамка за соработка за одржлив развој (2026–2030).