Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Јовица Палашевски, учествуваше на состанокот на Глобалната иницијатива за засилување на почитувањето на меѓународното хуманитарно право, кој се одржа на 3 и 4 ноември 2026 година во Женева.
Главен фокус на настанот беше Глобалната иницијатива за меѓународно право, на која нашата земја неодамна се приклучи, а која има за цел зајакнување на политичката посветеност на државите кон меѓународното хуманитарно право, во услови на војни и воени судири и продлабочени хуманитарни кризи.
„Хуманоста и принципите на меѓународното хуманитарно право мора да превладеат и во услови на нарушена безбедносна состојба и воена ескалација“, истакна Палашевски во своето обраќање, осврнувајќи се на актуелните конфликти во Украина, на Блискиот Исток и во Африка, каде што е неопходна итна хуманитарна асистенција и прекин на страдањата на цивилното население.
Државниот секретар Палашевски укажа на потребата од посилна политичка посветеност и конкретно дејствување за почитување на меѓународното хуманитарно право и заштита на цивилите, со цел да се спречи неказнивоста и воспоставувањето опасни преседани за идните конфликти.
На маргините на настанот, Палашевски оствари средба со Државниот секретар во Швајцарскиот сојузен департман за надворешни работи, Александре Фазел, претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Мирјана Шпољариќ Егер, со кои размени ставови и мислења за перспективите на Глобалната иницијатива, за состојбата со меѓународното хуманитарно право и глобалните кризи, а во контекст на македонските позиции по овие прашања.
Истовремено, државниот секретар Палашевски оствари и средби со високи претставници на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (UNHCR), Меѓународната организација за миграција (IOM), Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE).