Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски учествуваше на третиот "Ереван Дијалог Форум“, што се одржува на 5 и 6 мај, во Ереван, Ерменија.
Форумот беше посветен на современите глобални предизвици, со фокус на геополитичките трансформации, безбедносните и економските динамики, европската интеграција, енергетската транзиција, како и влијанието на новите технологии врз меѓународните односи.
Во рамки на форумот, Димитровски имаше свое обраќање на панелот посветен на современите предизвици на мултиполарниот свет, засилената конкуренција меѓу големите сили и нивното влијание врз глобалните односи. Дополнително, беа опфатени и безбедносните импликации од овие процеси, како и прашањата поврзани со технолошкиот развој и дигиталната трансформација.
Во своето обраќање, тој ја истакна определбата на нашата земја за зајакнување на стратешките партнерства со клучните меѓународни актери, како што се Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и НАТО сојузот, како темел за безбедност, економски развој и стабилност на државата.
Димитровски се осврна и на европската перспектива на нашата земја, нагласувајќи дека членството во Европската Унија останува стратешка цел од највисок национален интерес и претставува најодржлив пат за напредок на земјата, во услови на непредвидливи глобални околности.
Дополнително, ги истакна и заложбите на Владата за унапредување на енергетската поврзаност во рамки на паневропските коридори 8 и 10, како клучни алтернативни рути за диверзификација на снабдувањето, со цел постигнување на зголемена енергетска и економска стабилност на регионот, а со тоа и негово забрзано интегрирање во Европската Унија.