Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на 25-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – Европска Унија, што се одржа во Собранието на Република Северна Македонија.
Во своето обраќање, Димитровски ја потврди стратешката определба на земјата за членство во Европската Унија и посочи дека земјата останува посветена на спроведувањето на реформската агенда, владеењето на правото, јакнењето на институциите и создавањето подобри услови за граѓаните.
Тој истакна дека европскиот процес треба да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, со јасни критериуми и еднакви правила за сите земји кандидати, при што постепената интеграција и Планот за раст треба да овозможат граѓаните да ги почувствуваат придобивките од европската интеграција уште пред полноправното членство.
Димитровски ја нагласи и улогата на земјата како кредибилен и предвидлив партнер на Европската Унија во областа на безбедноста, посочувајќи ја целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, придонесот кон европската безбедност и воспоставеното Партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија.
Во однос на добрососедските односи и регионалната соработка, Димитровски ја потврди нашата определба да бидеме конструктивен и предвидлив партнер, посветен на унапредување на дијалогот, практичната соработка и регионалното поврзување.
Тој ја нагласи важноста на регионалните иницијативи и процеси кои придонесуваат кон поголема економска интеграција, мобилност и поврзаност на Западен Балкан, истакнувајќи дека тие треба да придонесат кон побрзо приближување на регионот кон Европската Унија.