На 1 октомври 2026 година во Пржно, Црна Гора, се одржа состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, на кој учествуваше заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски. На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи од Западен Балкан и на земјите членки на ЕУ, учесници во Берлинскиот процес, како и високи претставници на Европската комисија, Советот за регионална соработка и Регионалната канцеларија за младинска соработка.
Во фокусот на разговорите беа европската интеграција, регионалната соработка и зајакнувањето на стабилноста и безбедноста во Западен Балкан.
Заменик министерот Димитровски, во своето обраќање, истакна дека стабилноста на Западен Балкан не е само регионално прашање, туку и европска неопходност. Во услови на сложени геополитички состојби и зголемена изложеност на надворешни влијанија, тој ја нагласи важноста на континуираниот регионален и европски дијалог.
Димитровски посочи дека политиката на проширување на Европската Унија е клучна за демократската трансформација, владеењето на правото и унапредувањето на добрососедските односи, а кредибилната европска перспектива е од суштинско значење за стабилноста и безбедноста на регионот.
Во тој контекст, тој нагласи дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка на патот кон ЕУ, затоа што тие ризици ја слабеат европската перспектива, а со тоа и безбедноста и отпорноста на земјите од регионот и на Европа. „Со нашиот источен сосед сакаме европски, а не средновековен дијалог – дијалог за иднината, а не за историјата. Во процесот на пристапување кон ЕУ треба да ги трансформираме институциите и да воспоставиме правна држава, а не да го трансформираме идентитетот и да го менуваме историскиот наратив“, истакна Димитровски.
Во своето обраќање, заменик министерот Димитровски се осврна и на важноста на Берлинскиот процес како значајна платформа за унапредување на регионалното поврзување, олеснување на слободното движење и создавање подобри услови за економски развој, мир, стабилност и просперитет во Западен Балкан, со цел забрзано приближување на регионот кон европските стандарди.