Доцна синоќа на Меѓународниот аеродром во Приштина слета третиот авион со патници кои беа успешно евакуирани од земјите од Блискиот Исток. Станува збор за патници од Катар, Кувајт, Кралството Саудиска Арабија и Кралството Бахреин, кои кризниот регион го напуштија од King Khaled International Airport во Ријад, до каде што беа транспортирани по копнен пат со организиран превоз.
На аеродромот во Приштина патниците ги пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Во авионот имаше 151 патник, од кои 109 македонски државјани и 42 странски државјани, меѓу кои 12 државјани на Босна и Херцеговина, 11 државјани на Република Албанија, 9 државјани на Република Косово, 4 државјани на Црна Гора, 3 државјани на Хеленската Република (Грција), 2 државјани на Соединетите Американски Држави и 1 државјанин на Република Индонезија.
Најголемиот дел од патниците се евакуирани од Државата Катар, потоа од Државата Кувајт, како и од Кралството Саудиска Арабија и Кралството Бахреин.
И овој лет беше целосно организиран и реализиран од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во координација со надлежните институции.
Безбедноста на македонските граѓани останува највисок приоритет. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и понатаму е на целосно располагање на сите македонски државјани кои имаат потреба од помош или поддршка во погодените региони.