Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик-министерот Димитровски на отворањето на „Деновите на македонската култура” во Шибеник

Заменик-министерот Димитровски на отворањето на „Деновите на македонската култура” во Шибеник

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски на 3 септември 2026 година во Шибеник ги отвори „Деновите на македонската култура“, организирани од Хрватско-македонската тангента, истакнувајќи дека културата е еден од најсилните мостови што ги поврзуваат нашата земја со Хрватска.


Димитровски посочи дека годинава манифестацијата има дополнително значење по повод 35-годишнината од независноста на Северна Македонија, нагласувајќи дека во истиот историски период и двете земји градеа независни и демократски институции, а пријателските односи прераснаа во цврсто партнерство.


„Хрватска е наш пријател и важен партнер на европскиот пат. Ја цениме нејзината континуирана поддршка и подготвеноста да го споделува своето искуство од процесот на европската интеграција“, истакна Димитровски. Тој ја нагласи и важноста од унапредување на правата на македонската заедница во Хрватска и хрватската заедница кај нас, оценувајќи ги двете заедници како „живи мостови“ меѓу двете земји.


Говорејќи за идната соработка, Димитровски повика на повеќе културна размена, заеднички проекти и контакти меѓу младите, институциите, академската и бизнис-заедницата. „Пријателствата што траат 35 години не треба само да се слават. Тие треба да се надградуваат“, порача Димитровски.

 

На отворањето на манифестацијата, во знак на признание за неговиот личен придонес кон македонско-хрватското пријателство и поддршката на Хрватско-македонската тангента, во име на Министерството заменик-министерот Димитровски му врачи плакета-благодарница на градоначалникот на Шибеник, г. Жељко Буриќ.

 

Во рамките на посетата, заменик-министерот Димитровски оствари и одделни средби со градоначалникот на Шибеник, г. Жељко Буриќ, и со жупанот на Шибенско-книнската жупанија, г. Пашко Ракиќ, на кои беа разгледани можностите за натамошно унапредување на македонско-хрватската соработка во економијата, културата и поврзување на бизнисите, како и за размена на искуства и добри практики со градот Шибеник во областа на локалната самоуправа.

Мени за пристапност