Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, на покана и во организација на Аспен Институтот од Германија, учествуваше на конференцијата: „Структурни промени на Западен Балкан“, која се одржа во Тирана, 28-29 ноември 2025.
Конференцијата е дел од проектот „Иницијатива за Западен Балкан: Ангажман за прогрес и стабилност", поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Учесниците на конференцијата дискутираа за предизвиците со кои се соочува регионот на Западен Балкан поради дигитализацијата, транзицијата од фосилни горива кон обновливи извори на енергија и развојот на транспортните технологии.
Се разговараше за клучните двигатели на структурните промени во регионот кои вклучуваат технолошки напредок, демографски промени, климатски промени, миграција, меѓународна конкуренција и регионалната геополитичка динамика.
Беше потенцирано дека овие процеси зависат од општествените вредности, историското наследство и локалните потреби и приоритети. На Западен Балкан, ваквите промени можат да имаат длабоко влијание, вклучително и промени на пазарите на труд, нови барања за вештини, како и предизвици за социјалната кохезија и политичката стабилност.
Заменик министерот, Димитровски, потенцираше дека „Владата е посветена на создавање на поповолна средина за бизнис, намалување на сивата економија преку подобри и поефикасни прописи, инвестирање во образованието за да ги усогласиме вештините на работниците со потребите на пазарот и поддршка на претприемништвото преку подобар пристап до финансии. Градиме институции кои се транспарентни, одговорни и засновани на заслуги. Овие реформи се во функција на нашиот национален интерес. Тие ја прават нашата економија поконкурентна, нашето општество поправедно, а нашата иднина поуспешна“.
„Интеграцијата во Единствената зона за плаќања во евра – SEPA, од пред еден месец е доказ за она што можеме да постигнеме кога сме посветени на реформи, а странските инвестиции што пристигаат покажуваат дека меѓународниот бизнис го препознава нашиот потенцијал“, истакна заменик министерот.
Целта на конференцијата беше да понуди платформа каде учесници на високо ниво од Западен Балкан, Германија, Европската Унија, Соединетите Американски Држави и меѓународни и регионални организации ќе разговараат и ќе дискутираат за структурните промени на Западен Балкан.