Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик министерот Зоран Димитровски во посета на македонската заедница во Тринген, Швајцарија

Заменик министерот Зоран Димитровски во посета на македонската заедница во Тринген, Швајцарија

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска во Тринген, Швајцарската Конфедерација, присуствуваше на света литургија отслужена од парохискиот свештеник на Македонската православна црковна општина „Св. Наум Охридски“, протоереј Горан Мантароски, по што оствари средба и им се обрати на припадниците на македонската дијаспора.

Посетата се реализираше во рамките на активностите на македонската амбасада во Берн и МПЦО „Св. Наум Охридски“, кои вклучуваат и одржување на конзуларни денови за македонските граѓани во Швајцарија.

Во своето обраќање, Димитровски ја истакна улогата на македонската заедница во Швајцарија во зачувувањето на македонскиот јазик, културата и традицијата, како и нејзиниот придонес во зајакнувањето на врските меѓу двете држави. Посебно се осврна на потребата од континуирано негување на врските на младите генерации во дијаспората со матичната земја, нивното запознавање со македонското културно и јазично наследство и одржувањето на чувството на припадност кон татковината.

Тој ги запозна присутните со „Стратегијата за соработка со дијаспората 2026–2030“, усвоена од Владата, која поставува основа за посистематски, долгорочен и партнерски однос со македонските заедници во странство и нивно активно вклучување во креирањето и спроведувањето на политиките што ги засегаат. Воедно, најави одржување Годишна конференција за дијаспората во Скопје, во организација на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Меѓународната организација за миграции и Агенцијата за иселеништво, како платформа за непосреден дијалог со претставниците на дијаспората и утврдување конкретни приоритети за соработка во иднина.

Притоа, ја истакна и улогата на Македонскиот национален совет во Швајцарија, предводен од претседателот Илчо Китанов, како и на македонските здруженија во поврзувањето на заедницата и артикулирањето на нејзините интереси, нагласувајќи дека нивното единство и организираност се важна основа за зачувување на националниот идентитет и зајакнување на врските со татковината.

Во рамките на настанот настапи и Културно-уметничкото друштво „Св. Наум Охридски“, претставувајќи го богатството на македонскиот фолклор и традиција.

Мени за пристапност