Денес, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски и државниот секретар, Елена Кузмановска Биондиќ, остварија одвоени средби со делегација од Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани – Хелсинки, предводена од директорот за меѓународни односи, Тапио Писало.
Ова претставува прва посета на Скопје од претставници од Центаро, по нашето членство во организацијата во октомври минатата година.
Заменик министерот Зоран Димитровски, истакна дека членството на земјава во Центарот е особено значајно бидејќи регионот како целина, се соочува со засилени хибридни напади.
Дополнително, нашето учество во оваа организација ќе придонесе за градење и јакнење на националните капацитети за справување со овој тип предизвици.
Државниот секретар Елена Кузмановска Биондиќ ја поздрави мисијата на Центарот за зајакнување на безбедноста на земјите-учеснички преку обезбедување експертиза и обуки, споделување на најдобрите практики, давање препораки, организирање вежби, како и тестирање на нови идеи и пристапи. Во тој контекст, како значајни ги оцени активностите на Центарот за градење на капацитетите за справување со хибридни закани во регионот на Западен Балкан.
Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани е независна меѓународна организација која вмрежува практиканти и експерти од земји членки на ЕУ и НАТО. Основан е под покровителство на ЕУ и НАТО во 2017 година. Учеството во активностите на Центарот е отворено за сите земји од ЕУ и НАТО, а бројот на држави-учеснички денес е 36 земји. Нашата земја е членка од октомври 2023 година.