Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Обележани 80 години од основањето на Обединетите нации – потврдена посветеноста на мултилатерализмот и глобалниот мир

Обележани 80 години од основањето на Обединетите нации – потврдена посветеноста на мултилатерализмот и глобалниот мир

Денес, во Музејот на град Скопје, беше одбележан Денот на Обединетите нации (кој годинава се совпадна со 80-годишнината од основањето на ОН, во знак на заедничката посветеност на народите кон мирот, безбедноста, човековите права и одржливиот развој.
Свечениот настан, организиран во соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Канцеларијата на Обединетите нации во земјата, ја истакна важноста на мултилатерализмот и партнерството во решавањето на глобалните и регионалните предизвици.

Во своите обраќања, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и постојаниот координатор на ОН, Рита Колумбиа, заеднички ја потврдија посветеноста кон принципите на Повелбата на ОН и кон продолжување на соработката во насока на зајакнување на институциите, унапредување на човековите права, заштита на животната средина и исполнување на Агендата 2030 за одржлив развој.

Овогодинешното одбележување има за цел да ја потсети меѓународната заедница на потребата од зајакнување на меѓусебната доверба и солидарност, особено во време на бројни предизвици што го засегаат секој дел од светот.

По тој повод, Република Северна Македонија ја реафирмира својата посветеност на принципите и вредностите на Повелбата на Обединетите нации, на унапредувањето на човековите права, одржливиот развој и мирот, како и на континуираното партнерство со системот на ОН во земјата.

„На 80-годишнината од основањето на ОН, како земја членка ја потврдуваме цврстата верба во мултилатерализмот, во меѓународното право и во едноставната вистина дека глобалните предизвици можат да се решаваат само заеднички,“ истакна министерот Муцунски.

Тој додаде дека државата останува максимално посветена на глобалните процеси и ќе продолжи да ги промовира клучните вредности на Обединетите нации и да биде доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели – унапредување на човештвото, мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста.

Министерот потсети дека темата на годинешното одбележување е „Промовирање на мирот, единството и глобалните партнерства“, при што упати признание до сите кои во светот несебично се залагаат за ширење на вредностите на Организацијата: оние кои работат за одржување на мирот и стабилноста, заштита на обесправените, борба против сиромаштијата, климатските промени и сите форми на дискриминација.

„Честитајќи го овој ден, уверувам дека остануваме посветен и доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели на Обединетите нации,“ додаде Муцунски.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја поддржува мисијата и вредностите на Обединетите нации и верува дека преку солидарност, дијалог и заемна почит може да се обезбеди мирна и просперитетна иднина за сите – без никој да биде изоставен.

Мени за пристапност