Вчера, на 14 јули 2026 година, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски се обрати на генералната дебата на Политичкиот форум на високо ниво во рамки на ЕКОСОК, посветен на трансформативни, еднакви, иновативни и координирани акции за Агендата за одржлив развој 2030 и нејзините цели.
Во состав на делегацијата која учествува на овој значаен форум кој се одржува во Њујорк, учество зеде и Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата.
Како ново избрана членка на ЕКОСОК за периодот 2027-2029 година, Димитровски ја потврди целосната посветеност на државата во остварувањето на Целите за одржлив развој преку Агендата 2030, како универзална заложба и клучен и интегриран патоказ за сегашните и за идните генерации. ,,Потребата од трансформативно делување за обновување на довербата во мултилатералниот систем и мултилатерализмот општо, е клучно за ООН’’, истакна Димитровски. Во тој контекст, нагласи дека стратешките документи на државата како Националната развојна стратегија 2024-2044 и новата Рамка за соработка на ООН 2026–2030, се со акцент на Целите за одржлив развој и нивниот напредок, а на линија на неопходните реформи за ЕУ интеграција на земјата.
Осврнувајќи се на статусот членка на ЕКОСОК, заменик министерот Димитровски го оцени истото како признание за активната дипломатија на земјата, индикатор за взаемната доверба со партнерите и потврда за клучниот придонес на малите земји кон решенија, не само за локалните и регионалните, туку и за глобалните предизвици, а во насока на градење на одржлива, инклузивна и поотпорна иднина, заради што и учеството на секоја земја членка на ОН на Политичкиот форум е од особено значење заради забрзување на Агендата 2030 и реализирање на одржливите развојни цели, за кои остануваат помалку од четири години.